Ѕвездите донираат во борбата против коронавирусот

197
Ријана

Позната актерка Џесика Алба донирала три милиони пелени и производи за бебиња на семејства на кои им се потребни, а поп-ѕвездата Ријана донираше пет милиони долари  за олеснување  на борбата со коронавирусот, со што се меѓу бројните ѕвезди кои се обидуваат да помогнат во справувањето со новонастанатата ситуација, пренесуваат светските медиуми.

Поп-ѕвездата Лејди Гага објави дека нејзината компанија за козметика „Хаус лабс“ ќе донира 20 отсто од својот профит од интернет-продажбата од претходната недела, на локалните банки за храна во Лос Анџелес и во Њујорк.

Пејачот Џастин Бибер во февруари  донирал 29.000 долари, на кинеска добротворната фондација за деца. Модната дизајнерка Донатела Версаче и нејзината ќерка Алегра Версаче донирале 200.000 евра на болницата Сан Рафаеле во Милано за да помогнат при недостигот на снабдување.

Италијанската модна инфлуенсерка Кјара Ферањи и нејзиниот сопруг, музичарот Федез, донирале 100.000 евра преку интернет-кампања што ја започнаа за да им помогнат на болниците во Италија. Собрани се над четири милиони евра наменети за обезбедување нови болнички кревети во одделот за интензивна нега во  миланската болница Сан Рафаеле.

Американскиот пејач и актер Џастин Тимберлејк донирал за банката за храна „Мид Саут“ која се наоѓа во неговиот роден град Мемфис во американската сојузна држава Тенеси.

Познатиот актер Арнолд Шварценегер заедно со „Тик Ток“ обезбедуваат оброци за семејствата погодени од затворањето на училиштата.

„Афтер Скул Ол Стар“, непрофитна организација основана од актерот Шварценеге со цел да понуди активности на деца по завршување на наставата.

– Наместо да обезбедиме програми за вонучилишни активности, мислевме дека ќе биде супер ако можеме да обезбедиме храна за тие семејства – рече Шварценегер во видеото споделено на ТикТок со донирање милиони долари преку намирници и картички подароци за семејства во САД кои имаат потреба.

 Раперот Канје Вест донирал пари на две организации: „Дрим сентер“ во Лос Анџелес и „Ви Вомен Емпауред“ во Чикаго. Неговите донации ќе помогнат за доставување на храна на стари и изнемоштени лица во Чикаго.