Снабдувањето на продавниците е новата битка на морнаричкиот генерал

128

Авторка: Кети Калахан

Атлантик

Пред две години, генерал-полковникот Лери Николсон предводел околу 30.000 припадници на морнаричките експедициски сили во Јапонија, кои се дел од американското повоено присуство во Азија. Покрај тоа, под негова команда беа 20.000 американски војници во авганистанската провинција Хелманд. Кога се пензионираше во 2018 година по речиси четиридецениска служба, се пресели во Тенеси за да раководи со логистиката на снабдувачки синџир во Ноксвил, мислеше дека зад себе го остави бојното поле.

Но со пандемијата на коронавирусот во државата, Николсон повторно е во војна, само сега мора да се погрижи навреме да има храна и лекови за Америка, без да го загрози здравјето на возачите, пакувачите и шефовите. Тој е потпретседател на фирмата за трговија на големо „Хакни“ која има 4.000 вработени и опслужува 20.000 продавници од Мајами до Детроит. Во разговорот со него, тој сподели како може сега да се примени искуството од бојното поле, како кризата со коронавирусот има паралела со Авганистан (вклувајќи го недостигот на тоалетна хартија) и кои се лекциите од Наполеон за логистика.

Како тече вашиот работен ден? Дали се соочувате со некакви промени во секојдневието?

– Слично е како во војска, секогаш мора да сме подготвени максимално. Здраво за готово се зема тоа што продавниците мора да бидат снабдени, полиците да бидат полни, а во моментов се справуваме со криза. Зајакнато е чувството на посветеност во смисла дека нашите возачи и магационери се свесни дека се неопходен кадар. Обезбедуваме испорака до 20.000 продавници. Нашите клиенти и заедницата сега најмногу зависат од нас и затоа чувствуваме силна обврска. Во текот на овој период, многу луѓе купуваат и се снабдуваат со најосновните производи во локалните продавници, меѓу кои и во руралните делови. Нашите вработени напорно работат, а мора да имаат специјални дозволи во одредени држави.

Како може да ви помогне вашето воено искуство?

– Многу помага, не само во лидерските вештини, туку во разбирањето на логистиката. Има една стара поговорка, која му се припишува на Наполеон, а гласи: аматерите мислат на тактика, а професионалците на логистика. Без разлика дали сте во Ирак, Авганистан или дома, нема да имате успешни резултати ако не функционира синџирот на снабдување.

Дали се соочивте со недостиг на тоалетна хартија во Авганистан?

– Ќе бидам искрен, се снаоѓавме со алтернативни начини, затоа што понекогаш снемуваше. И да немавме секогаш тоалетна хартија, нешто друго ќе завршеше работа.

Дали синџирите на снабдување подобро функционираа кога бевте во Авганистан или сега? Какви се сегашните предизвици во однос на тогаш?

– Синџирот на снабдување е добар и нема недостиг на тоалетна хартија, затоа што луѓето не користат повеќе отколку пред еден месец, туку прават резерви. Знам дека производителите сега имаат многу повеќе работа, а нашата задача е само да го испорачаме производот.

Како се грижите за безбедноста на вработените, затоа што мора да се движат низ државата?

– Максимално се грижиме за здравјето на вработените. Досега имавме среќа и немаме позитивен на ковид-19. Вработените постојано се тестираат, а ако некој не се чувствува добро, не ни помислува да дојде на работа. На многу начини важат воените аналогии. На пример, никогаш нема совршен проток на информации на теренот, па така и тука. Нашиот тим секојдневно врши испорака во продавниците, а успешната работа се должи на способноста на вработените и на одржувањето на здравјето.

Како се променија секојдневните протоколи за возачите?

– Камионите постојано се на терен, набавивме доволни количини на средства за дезинфекција на раце и хигиена. По секоја испорака, возачите целосно и темелно ги чистат сите површини што ги допреле. Дури и во продавниците го бришат просторот каде што влегуваат.

Како се справувате со вработените за кои постои сомнеж дека биле во допир со вирусот?

– Нашите протоколи наложуваат веднаш да се направи медицински преглед. Ако треба да се тестираат вработените, тогаш тоа се спроведува. Се почитува и ако треба да бидат во карантин. Најстрашното сценарио е ако дозволувате болни да одат на работа. Внимаваме секогаш навреме да се обезбеди лекарска грижа.

Како сметате дека 4.000 лица можат нормално да работат, но не можете да бидете сигурни дека нема да се разболат. Како би се справиле со ваков проблем?

– Испораката значи дека секојдневно се во контакт со 14, 15, 20 продавници каде што влегуваат и потоа се враќаат назад. Очигледно постои ризик. Овие луѓе се еден вид на неопеани херои и треба длабоко да сме им благодарни, затоа што на нив паѓа товарот продавниците секогаш да се снабдени. Но на најголема опасност се изложени здравствените работници.

Дали сте размислувале за сценарио во кое вашите вработени треба да намалат со испорака?

– Мислам дека тоа нема да се случи, затоа што би било кошмар. Сега е од клучно значење луѓето да останат здрави, да имаат силен имунитет и мора да се погрижиме да се хранат здраво.

Во овој период владее голема вознемиреност кај населението. Повеќето Американци никогаш се немаат соочено со нешто вакво. Вие имате искуство со екстремно стресни ситуации. Како лидер, какви поуки може да упатите за справување со ваква неизвесност?

– Ги охрабруваме нашите лидери да бидат тука за народот, да бидат смирени, силни и надежни. Смислата за хумор мора да се одржува. Сите учат од своите лидери. Ако имате самоуверен лидер, тој ја разбира критичката важност на мисијата и зошто секој има улога да ѝ помогне на нацијата да се справи со проблемот. За повеќето, ова ќе биде најголемата криза и тест во животот. Тие не знаат како е да се биде во вистинска војна.