Сведоштво на прилепчанка која го победи вирусот: Моето лекување беше едно од потешките

398

Седумдесетгодишната Виолета Мирчевска од Прилеп тринеделната битка со коронавирусот ја поминала емотивно и стресно, но голема мотивација и било семејството кое ја охрабрувало да издржи и повторно цврсто да застане на нозе. Таа раскажува дека била ставена на кислородна поддршка и се чувствувала многу лошо.

– По една недела со симптоми на ковид-19, бев хоспитализирана во инфективното одделение во Општата Болница во Прилеп. Моето лекување беше едно од потешките, бев ставена на кислородна поддршка и се чувствував многу лошо. Во текот на целиот престој во болницата, медицинскиот персонал го даде својот максимум. Неуморно работеа за подобрување на мојата состојба – вели Виолета.

Додава дека без лекарите немала да успее да ја преживее оваа битка. Исклучително е благодарна за грижата, но и за хигиената во установата.

– Голема мотивација ми беше семејството, децата, мојот брат и сопругот кои ја поминаа приказната заедно со мене. Упатувам апел до граѓаните да носиме маски, да се грижиме за нашата хигиена и да држиме растојание од два метра – вели Виолета чиешто сведоштво го сподели министерот Венко Филипче на социјалните мрежи.