Сведочење на српските епидемиолози: Доаѓаат со благи симптоми, а за половина час завршуваат на респиратор

1191

Во белградските болници секој ден трае борбата за спас на пациентите коишто се заразени со коронавирусот. Според тамошните лекари, епидемијата е многу полоша сега отколку кога започна.

Српскиот епидемиолог Предраг Кон вели дека вирусот во Србија „се пробил низ бариерите“ и дека станало невозможно да се следат сите контакти. Бројот на заразени лица се зголемува секој ден, а вчера се регистрирани 389 нови случаи. Тој посочува дека здравствениот систем во Србија не е „на работ на пукање“, но дека има и такви кои размислуваат поинаку, особено оние што работат во здравствените установи.

Според докторот Ранко Траиловиќ, ситуацијата е навистина тешка.

– Епидемијата на корона е многу полоша сега отколку кога започна. Имаме повеќе заразени пациенти кои доаѓаат со благи симптоми, а за половина час завршуваат на респиратори и се борат за нивните животи! Медицинските работници се исцрпени, колабираат од исцрпеност, во скафандерите е толку топло што едвај дишеме. Клиничката слика за заразените е поопасна затоа што вирусот се развива побрзо и терапијата работи побавно. Медицинскиот персонал е уморен, температурите се многу високи, а климатизерите не се користат заради можното ширење на вирусот. 

Секоја смена помината во ковид-центарот е тешка. Состојбата на пациентите се менува од минута во минута и некој од добра општа состојба многу брзо стигнува до респиратор и се бори за живот! Зачудувачки е што сè може одеднаш да се појави кај пациент и да го промени текот на болеста за една минута. Колку е страшно сето ова, се потврдува со информацијата дека најмладиот пациент што го лекував на респиратор имаше само 20 години – вели Траиловиќ.

Според него, ставањето пациенти на респиратор е најтешката одлука.

– Постојано се прашувате себеси кое е вистинското време да ги ставите на респиратор за да им помогнете на болните. Со текот на времето, човек се навикнува на тоа, но останува загриженоста дали сте донеле правилна одлука. Сето тоа остава белег. Кога ќе изгубите некого. Тоа е човечки, како и професионален пораз за секој лекар. Многумина ги загубија животите во оваа епидемија и особено е тешко кога еден млад човек умира – раскажува докторот за тамошните медиуми.