По животот поминат во борба против ебола и ХИВ, ковид-19 го стигна белгискиот виролог

1118

Белгискиот виролог Питер Пиот, кој работи како директор на лондонската Школа за хигиена и тропска медицина, беше позитивен на ковид-19 во средината на март. По една недела помината во болница во борба со вирусот, тој закрепнува во неговиот дом во Лондон. Но, качувањето по скали и понатаму го остава без здив, како последица од пневмонијата, пренесува магазинот „Саенс“.

Пиот беше еден од научниците кои ја открија еболата во 1976 година, а неговата кариера ја посвети во борбата против заразните болести. Тој беше предводник на заедничката програма за ХИВ/СИДА на Обединетите нации, а сега работи како советник за коронавирус на Урсула фон дер Лејен. Но, личната борба со коронавирусот му го сменила животот. 

– На 19 март наеднаш имав висока температура и главоболка, дури и скалпот ме болеше, што беше бизарно. Немав кашлица, но првиот логичен рефлекс ми беше, заразен сум. Продолжив да работам од дома, бидејќи сум работохоличар. Потоа тестовите беа позитивни. Се самоизолирав во соба во мојот дом, а високата температура не престануваше. Имам прилично здраво тело, не сум бил сериозно болен, а никогаш не сум земал слободен ден во изминативе 10 години. Но, единствениот ризичен фактор беше мојата старост, имам 71 година. Мислев дека брзо ќе оздравам, но пријател кој е исто така доктор ме советуваше да направам испитување, бидејќи треската и уморот стануваа сѐ полоши и полоши – вели Пиот. 

Тестовите покажале дека тој има пневмонија, типично за заболените од ковид-19. Уморот и малаксаноста биле постојано присутни, а Пиот бил хоспитализиран, иако новонаправениот тест за ковид-19 бил негативен. Ова е чест случај со коронавирусот, при што и по излекувањето, последиците од него остануваат. 

– Да бидам искрен, бев навистина исплашен да не ме стават на вентилатор, но само ми дадоа маска за кислород. Се препуштив целосно на медицинскиот персонал и бев трпелив. Кога немате енергија, нема што многу да правите освен да лежите и да се надевате на оздравување – вели Пиот. 

Тој вели дека одвај имал сила да зборува, односно можел само да шепоти. Во собата, во која имало уште тројца други хоспитализирани пациенти, никој немал сила за да разговара и владеела тишина. 

– Откако го поминав речиси сиот мој живот во борба против вируси, се најдов очи в очи со ковид-19. Прочитав дека доколку сте хоспитализирани со коронавирус во британска болница, има шанса од 30 отсто да не се изборите со вирусот, што е исто како стапката на смртност од ебола во Западна Африка во 2014 година. Сепак, среќен сум што се борев со коронавирусот наместо со еболата – објаснува Пиот. 

Откако белгискиот виролог заминал дома, повторно се осетил беспомошно, бидејќи морал да биде во изолација. Искуството со коронавирусот засекогаш му го променило животот. Тој сега се чувствува поранливо и има новостекната почит за вирусите со кои сиот живот води борба. Но, наскоро Пиот повторно морал да ја посети болницата. Овојпат, тој морал да прими терапија за да се смири и стави под контрола неговиот имунолошки систем, кој откако се соочил со корнавирусот, предизвикал промени на неговиот притисок. 

– Многумина не умираат од штетата предизвикана од вирусот врз белите дробови, туку од претераниот одговор од имунолошкиот систем, кој не знае како да се справи со вирусот. Сѐ уште примам високи дози на кортикостероиди кои го забавуваат имунолошкиот систем – објаснува Пиот.

Пиот вели дека многумина имаат погрешна претстава за коронавирусот, кој испадна дека предизвикува повеќе компликации врз човековото тело одошто се претпоставувало порано, како што се проблеми со срцето и бубрезите. Нивната неинформираност покажува неблагодарност кон научниците кои сакаат да ја стават пандемијата под контрола, колку што можат побрзо и поефикасно. 

– Тука, секако, е и проблемот со пронаоѓањето на вакцина. Без вакцина, нема да можеме да се вратиме на старата нормала, на стариот начин на живот. Се надевам и дека кризата ќе ги олесни политичките тензии во многу области. Можеби сум преголем оптимист, но во минатото, кампањата за вакцинирање за детска парализа доведе и до мир. Се надевам и дека Светската здравствена организација (СЗО) ќе може да се реформира и да стане помалку зависна од советодавните комитети на некои земји, кои преку неа првенствено ги бранат своите интереси. СЗО честопати станува политичко игралиште, а мојата толеранција за несовесно однесување по соочувањето со коронавирусот е многу помала во споредба со претходно – вели Пиот.