Пандемијата убива двапати – во изолација и без збогување

489

Во Италија, збогувањето од починатите од коронавирус е забрането поради можното пренесување на заразата. Погребите се забранети поради превенција од ширењето на коронавирус. Иако вирусот не може да се пренесе од починатите на живите, тој може да преживее на облеката неколку часа. Голем број од блиските на починатите не можат да ги видат своите сакани за последен пат, ниту да го кажат последното збогум, пренесува Би-би-си.

– Пандемијата убива двапати. Прво ве изолира од вашите најблиски. Потоа, не дозволува тие да се збогуваат со вас. Семејствата се уништени и тешко го прифаќаат ова – вели Андреа Черато, вработен во погребален дом во Милано.

Починатите не ги облекуваат ниту во достоинствена облека, тие на нив имаат само  болничка наметка. Наместо тоа, облеката се става врз починатото тело. Вработените во погребните претпријатија добиваат и нови улоги. Тие сега се во улога на членови од семејството, блиските пријатели, па дури и свештениците. 

– Најчесто испраќаме фотографија на семејството од ковчегот пред да биде телото погребано или кремирано – вели Черато. 

Тој жали што починатите не можат да добијат соодветна облека, не можат да бидат исчешлани нивните коси, ниту да бидат нашминкани. А тоа, според Черато, е многу тажно и трауматично за семејствата. 

– За семејствата е трауматична помислата дека нема да ги видат за последен пат нивните сакани, нема да им ги бакнат дланките, ниту да им ја погалат косата пред да им кажат збогум за последен пат. Тие ги испраќаат нивните омилени предмети, песни или поеми напишани за збогум, со надеж дека ќе бидат ставени во ковчезите. Но, тоа не е дозволено поради епидемијата – вели Черато. 

Тој исто така е загрижен колку долго ќе може да продолжи со неговата работа, бидејќи се соочувават со недостиг на опрема за заштита од вирусот. Кога ќе снемаат заштитни маски и одела, нема да можат да продолжат со нивната работа. 

Според новите мерки во Италија, сега собирите на погребите се забранети, и најчесто на нив се појавува само едно лице, и тоа е сѐ. Никој не изустува ни збор, постојано владее тишина.

За земја со силни римокатолички вредности, ова е без преседан. Земјата е преплавена со ковчези. До вчера, бројот на починати од ковид-19 во Италија достигна седум илјади. Пред погребните домови има редици луѓе кои чекаат како пред маркетите. Ковчези се натрупани во црквите.

Во Бергамо, војската мораше да интервенира, бидејќи гробиштата се претрупани. Минатата недела, локалното население во тишина проследи воен конвој што превезуваше 70 ковчези низ улиците. 

Иако докторите и медицинскиот персонал добија благодарност од цела Италија, вработените во погребните институции добиваат само тишина. На нив гледаат само како транспортери на душите на починатите. На нив се гледа како на Харон, сплаварот кој ги пренесува душите на мртвите преку реката Стикс во aдот, што го дели светот на живите од светот на мртвите. 

– Сѐ што сакаме, е да им го дадеме последното достоинство на мртвите – вели тој.