Мојата пријателка не практикува социјално дистанцирање, па јас ќе се дистанцирам од неа

201
Пријатели прославуваат роденденска забава во Тексас, притоа почитувајќи ги мерките за држење растојание

Голема е шансата дека секој од нас прекршил некоја од препораките и мерките за време на карантинот. Но, има и такви што ја третираат пандемијата како шега, пишува Арва Махави, во нејзината колумна за „Гардијан“.

Според колумнистката на британскиот весник која живее во Њујорк, изминативе неколку месеци биле навистина напорни, а секој од нас развил сопствен начин и механизам за справување со карантинот и со пандемијата.

– Некои, вклучувајќи ме и мене, го зголемија консумирањето на вино како начин за релаксација, проследен со седење дома и гледање на голем број серии и филмови на Нетфликс. Други пак, се релаксираа со готвење и подобрување на рецептите кои ги сакаат. Голем дел од населението ширум светот се трудеше максимално да ги почитува мерките за карантин и социјално дистанцирање – пишува Махави.

Но, додека тие се внимателни и се грижат за своите блиски и семејства, како и за здравјето на другите, ги има и оние кои ја третираат пандемијата како голема шега и се однесуваат несоодветно за време на голема и сериозна опасност.

– Имам таква пријателка, која иронично ја нарекувам „суперпреносител“ на вирусот. За време на карантинот таа постојано излегуваше и одеше насекаде низ Њујорк. Сега, кога мерките се ублажени, тоа само ја поттикна да шета уште повеќе – објаснува авторката.

Махави посочува дека и таа прекршила дел од мерките за социјално дистанцирање, како и за носењето на заштитна маска, но сепак, пандемијата и непочитувањето од страна на нејзината пријателка оставиле трага врз нивното пријателство.  

– Нашиот случај не е едиствен. Податоците покажуваат дека голем број пријателства се растураат поради различните гледишта и пристапи кон социјалното дистанцирање и мерките. Секако, понекогаш луѓето комуницираат и стануваат поблиски благодарение на социјалните мрежи, за разика од периодот пред пандемијата кога имаа оправдувања и немаа време за средби – вели Махави. 

Таа истакнува дека голем број луѓе ја покажале нивната добрина и пожртвуваност, како и способноста и желбата да помогнат на оние кои им е потребна помош. Кога нејзиниот татко, кој живее во Лондон, се разболел од коронавирусот, волонтери му донеле храна и лекови до неговиот дом. Тој, откако оздравел, решил да го продолжи доброто дело со тоа што и самиот волонтирал. 

– Тој стекна голем број пријатели преку волонтирањето, меѓу кои и 98-годишна госпоѓа по име Бети, на која ѝ приготвија роденденска забава, секако со почитување на сите мерки за заштита. Како и да е, моралот на приказната е дека сите треба да се обидеме и да ги разбереме меѓусебните недостатоци. Но, доколку сакате луѓето да достигнат старост како Бети, потребно е да заземете цврст став кон пријателите кои не ги почитуваат мерките. Ако тие не се држат на растојание од вас, тогаш вие мора да го направите тоа и да се држите на оддалеченост од нив – заклучува Махаби.