Мајките ги извршуваат повеќето домашни обврски во карантин

197

Истражувањата направени за време на карантин покажуваат дека во домовите каде  што работат и мајката и таткото, жените ги извршуваат поголемиот дел од домашните задачи и поминуваат повеќе време со децата, пишува Би-би-си.

За оваа студија на Институтот за фискални студии (IFS) и Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL) интервјуирани се 3.500 семејства.

Студијата открива дека мајките можат само еден час непрекинато да работат во споредба со татковците, кои можат да си дозволат три часа.

– Мајките просечно имаат повеќе обврски околу грижата за децата и прават поголем дел од  домашните работи отколку татковците, кои исто така работат – рече Луси Крафтман, економист и дел од тимот за истражувањето на ИФС.

Таа рече дека заклучоците од истражувањата се донеле од семејства во кои работеле мајката и таткото, како и од семејства каде што и двајцата родители биле во карантин или привремено останале без работа.

– Единствената група домаќинства каде што видовме дека мајките и татковците подеднакво ги делат обврските за децата и домашните работи се оние во кои претходно работеле двајцата родители, но таткото сега престанал да работи, додека мајката сè уште има платена работа – вели Крафтман.

Меѓутоа, мајките во овие домаќинства работат во просек по пет часа на ден, а покрај тоа извршуваат ист број домашни задачи како и нивниот партнер.

Паула Шеридан, чија фирма „Унврапинг потеншл“ работи со жени со кариера, вели дека нејзините клиентки ги планираат оброците, времето, учат со децата, а прават и десетина други задачи.

– Јас сум таа што прима плата, но сепак ми се чини дека сум и таа што престанува да работи за да прави ручек и вечера, затоа што тој не би помислил да го стори тоа – рекла една клиентка на Шеридан.

– Мојот партнер е привремено без работа, работното место му мирува, чека да го повикаат назад на работа, а сепак моите службени телефонски повици ги прекинуваат децата со своите прашања, додека тато само гледа „Нетфликс“ – раскажува друга клиентка на Шеридан.

Шеридан верува дека различниот пристап кон домашните задачи и одговорностите за грижа на децата започнува за време на породилното отсуство.

Само 2 отсто од новите мајки и татковци го делат правото на родителско отсуство. Ова генерално ја поставува жената да биде одговорна за воспоставување рутина и учење како да се биде родител, обично со обиди и грешки, вели таа.

Да се биде родител значи да се знае дали има храна во куќата, да се готви, да се грижи за децата.

– Воопшто не станува збор „битката на мажи против жени“. Партнерот не ни знае дека сите овие работи се случуваат, затоа што тој никогаш и не требал – вели Шеридан.

Мајките сè уште имаат тенденција да бидат оние што го организираат времето дома, додека се во карантин.

– Постои ризик дека карантинот доведува до натамошно зголемување на родовиот јаз во платите – рече Алисон Ендрју од Институтот за фискални студии (IFS).

Но, нејзината колешка, Соња Крутикова, укажува на можност и надеж дека карантинот може да доведе до поеднакво споделување на задачите во домаќинството меѓу родителите.

– Татковците, во просек, скоро двојно повеќе поминуваат во грижа за децата, отколку што го правеа тоа пред кризата – рече таа.