Кога специјалитетот на куќата е обвинет за ширење на заразата не очекувајте гости

191

Во јануари, 19 членови од семејство во Хонгконг се собрале во ресторан во кинески Вухан за да ја прослават новата година со „хотпот“ (традиционален кинески оброк составен од потопување на сурово месо и морски плодови во супа). Истата ноќ,  11 членови од семејството биле заразени од коронавирус, а веста за настанот се проширила брзо на локалните вести, предизвикувајќи паника кај рестораните и граѓаните на Хонконг, пренесува „Њујорк тајмс“. 

Откако случајот бил потврден, ресторанот што го посетиле во Вухан бил затворен. Другите ресторани, кои исто така го служат традиционалното јадење, биле принудени да го тргнат од менито откако клиентите престанале да доаѓаат. Во ресторанот „Супа“, посетеноста опаднала за 96 отсто откако се прочуло за случајот. Два дена едноподруго воопшто и немало гости. 

– Најбитно е да ја вратиме довербата во луѓето. Сѐ се случи пребрзо. – вели Бонг Квок, еден од сопствениците на ресторанот. 

Ресторанот, отворен во 2017 година, го снашла една несреќа по друга. Другиот сопственик, Џејсон Хо, објаснува дека овие неколку месеци се како лош сон. Со месеци, областа во која се наоѓа нивниот ресторан била прекриена со солзавец, а секојдневно имало судири на полицијата со демонстрантите од антивладините протести. Потоа, следниот удар дошол од властите со наредбата за забраната за продажба на алкохол и затворање на рестораните. Тоа бил удар врз економијата.

Но, двајцата сопственици сега даваат совети како рестораните да услужуваат клиенти за време на ширењето на пандемијата. Прв чекор е опцијата за достава на храна до домовите на клиентите. А оние кои сепак се упорни и сакаат да го посетат ресторанот, ги пречекува вработен со термометар кој ја проверува нивната температура и ги прашува дали и каде патувале изминатиот период. На гостите кои имаат повишена тремпература не им е дозволен престој во ресторанот. 

– Беше незгодна ситуација, не сакавме да одбиеме гостин со температура од 37,6 Целзиусови степени, што е минимална за треска. Но, моравме, за доброто на сите – велат сопствениците. 

Квок тврди дека специјалитетите и исхраната не го пренесуваат вирусот, туку ги обвинува медиумите за предизвиканата паника кај населението, што довела до лажни вести и страв, задавајќи голем удар врз рестораните.

Експертите и медицинските лица во Кина дебатираат дали коронавирусот може да се пренесе од испарувањето на храната. Сепак, вирусот се пренесува поради близината меѓу луѓето на ваквите семејни собири.

– Пренесувањето на вирусот најчесто е поради долг контакт со заразено лице во просторија која не е проветрувана – вели Бенџамин Ковлинг, професор по епидемиологија од Хонгконг.