Институтот за јавно здравје информира дека во денешната ковид-статистика за починатите лица пронајдени од регистарот, пријавено е дете старо една година, починато на 29 ноември, годинава.
-Според податоците добиени од Клиниката за детски болести, станува збор за дете кое престојува во дом за деца без родители во Битола. Истото повеќекратно наназад било хоспитализирано на клиниката поради компликации во склоп на основните заболувања: остеохондродисплазија, епилепсија, хидроцефалус, малнутриција, дилатациона кардиомиопатија – информираат од Министерство за здравство.

До денот на последната хоспитализација, детето е хоспитализирано во Клиничка болница-Битола каде што поради долнореспираторен инфект е лекувано од 15 ноември до 24 ноември годинава, кога поради влошување на општата состојба и добиен позитивен тест на ковид-19 е упатено во Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле.
– По аплицирана терапија и неможност да се одговори на тежината на клиничката слика на детето кое е со континуирано ниска кислородна сатурација од 64%, а во претходен договор од болницата во Козле детето се префрла на Клиника за детски болести како институција од терцијарен карактер, за понатамошен третман и соодветно лекување. Интензивниот мониторинг и лекување на детето во единица ургентен центар кое од денот на прием е на механичка вентилација, се одвива од 24 до 29 ноември, кога и покрај сите преземени дејства за лекување и реанимација, завршува летално – информираат од министерството.