Шведска веќе не е издвоен случај кога станува збор за коронавирусот, пишува „Фајненшл тајмс“. Таа веќе не е државата со најмалку рестриктивен пристап во Европа, а го загуби и статусот на земја со најголем број на смртни случаи според бројот на населението, кој го држеше накратко, откако бројот на заразени се намали во текот на летото. Нејзината економија страдаше помалку во однос на европскиот просек во изминативе неколку месеци, а во одредена мера повеќе во однос на нејзините соседи.

– Добивме втора шанса. Не сакаме повторно да избие заразата. Сега имаме прилика да учиме и да преземеме дополнителни мерки за тоа да не се случи – вели Сесилија Седерберг-Науклер, професорка за клеточна и молекуларна имунологија на универзитетската болница во Стокхолм, која го критикуваше шведскиот пристап за справувањето со пандемијата.

Расправата за шведската блага стратегија за справување со пандемијата уште е жестока, но ситуацијата на терен се смири за време на јули.

Просечниот број на случаи се намали за 86 отсто во јули, иако беше забележан благ пораст во изминатите неколку денови и уште е висок според европските страндарди. Причините за намалувањето уште не се утврдени. Шведските здравствени власти проценуваат дека главниот град Стокхолм е блиску до стекнување на колективен имунитет, но нивното тврдење е оспорувано од други епидемиолози.

Вирологот Лена Ајнхорн смета дека Шведска треба да престане да се противи на европските трендови во две области – одбивањето за издавање на наредба за задолжително носење на заштитни маски и одбивањето за откривање на контактите на заразените луѓе.

Стапката на смртни случаи во Шведска поврзани со коронавирусот, исто така бележи пад – од над 100 дневно во средината на април, до околу еден случај дневно минатата недела. А пристапот без карантин исто така веќе не се издвојува, бидејќи според системот на универзитетот „Оксфорд“ за следење на одговорот на владите кон пандемијата, Франција, Австрија, Хрватска и Норвешка сега имаат помалку рестрикции во однос на Шведска.

Како и во остатокот на Европа, успешноста во справувањето со пандемијата на Шведска во голема мера ќе зависи од резултатите наесен.

– Имаме златна прилика да го смениме курсот и уште можеме да сториме многу за спречување на вториот бран. Но засега не ја користиме и тоа загрижува – заклучува Ајнхорн.