Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лejeн, верува дека Европа е добро подготвена за можна администрација на третата доза од вакцината против коронавирус и посочува дека недостигаат валидни податоци за одобрување на руската вакцина „Спутник В“.

– Нарачавме 1,8 милијарда дози од „Фајзер“ до 2023 година. Тоа е најголемата порачка во светот и е доволно за спроведување можна трета доза од вакцинацијата во ЕУ – објасни таа.

Кога станува збор за одобрување на руската вакцина „Спутник В“ од Европската агенција за лекови (ЕМА), таа посочи дека овој процес е сѐ уште неизвесен.

– Досега производителот не можеше да достави доволно валидни податоци за да ја докаже безбедноста на вакцината – објасни Фон дер Лаен додавајќи дека ова иницира голем број прашања.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Москва е свесна за кампањата на западните земји против руските вакцини против ковид-19 и смета дека таа е неоснована.

– Забележавме неосновани напади на многубројни западни земји врз руските вакцини. Во исто време, би сакал да нагласам дека Рускиот фонд за директни инвестиции и експерти од Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ веднаш дадоа детаљни одговори на сите конкретни прашања во врска со ова – рече Лавров во интервју за рускиот весник „Комсомолскаја правда“.

Претходно, на вебинар за руската надворешна политика на 23 јули Лавров рече дека Русија е отворена за предлогот на Европската Унија за меѓусебно признавање на вакцините против ковид-19 и сертификатите за вакцинација.