Шпанија има намера наскоро да започне со олеснување на мерките за ограничување кои се во моментот на сила поради пандемијата на коронавирус, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.

– Го достигнавме врвот и сега почнува падот – рече Санчез во речиси празниот парламент, бидејќи повеќето пратеници работат од дома.

Сепак, тој предупреди дека враќањето во нормален животен тек ќе биде постепено и во согласност со сериозноста на тековната здравствена криза.

– Сега не ни треба чекор назад. Се соочуваме со најголемата закана за здравјето на луѓето од грипот во 1918 година. Сега не треба да направиме чекор назад, бидејќи тоа не само што ќе биде неуспех туку и враќање во епидемијата – рече Санчез, кажувајќи им на опозициските пратеници дека неговата влада работи на план за постепено враќање на Шпанија во некаква форма на нормален живот.

Шпанија моментно е втора најзагрозена земја во светот, по САД, со речиси 150.000 потврдени случаи на инфекција со ковид-19 и 14.792 смртни случаи.