Русија започна да ги вакцинира најизложените на ризик од ковид-19. Руската вакцина „Спутник 5“ беше доставена до 70 клиники каде што во првите пет часа се пријавиле 5.000 лица за вакцинирање, пренесува „Ал Џезира“. 

Вакцината најпрво ќе биде достапна за медицинските и социјалните работници, бидејќи тие се најизложени на ризик од коронавирусот, а работи на сличен принцип како онаа на „АстраЗенека“ од Оксфорд. Вакцината се состои од две дози, од кои втората треба да се прими три недели подоцна. 

– Во првите пет часа, 5.000 лица се пријавија за првата доза од вакцината – во петокот објави Сергеј Собјанин, градоначалникот на Москва.

Според руските власти, оние кои ја примиле вакцината терба да изградат имунитет по 42 дена од примање на втората доза. 

Научниците, сепак, беа скептични во врска со брзината со која Русија ја произведе нивната вакцина и ја направи достапна за јавноста без претходно да помине низ третата фаза.

– Тоа што тие користеа мали групи за проучување и волонтирање, како и тврдењето дека вакцината е 95 отсто ефикасна, е малце претерано. Сепак, чудно е тоа што лицата над 60 години, како и бремените жени, не смеат да ја примат вакцината, иако тие спаѓаат во најранливата категорија – изјави Сајмон Кларк од Универзитетот во Ридинг.


Ова е историски момент за Велика Британија

Претстојната недела ќе биде историски момент, бидејќи започнуваме со вакцинација против ковид-19, а меѓу првите кои ќе се вакцинираат ќе бидат медицинските лица, вработените во домовите за нега, како и лицата над 80 години, истакна Мет Хенкок, министерот за здравство на Велика Британија. 

Велика Британија стана првата земја што ја одобри вакцината на „Фајзер“ и „Бајоентек“, а набави приближно 40 милиони дози, што значи дека ќе има доволно за вакцинација на 20 милиони од 66 милионското население. 

Пандемијата во Велика Британија зеде околу 60 илјади животи, а според смртните сертификати во кои се споменува вирусот, бројката изнесува дури 75 илјади мртви лица.