Не се забележани компликации кај ниту едно од 3.000 лица кои биле вакцинирани против коронавирусот во Москва како дел од испитувањата по регистрацијата, изјави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин.

– Веќе вакциниравме околу 3.000 луѓе како дел од големата студија по регистрацијата, сите се во добра здравствена состојба и поминаа неколку недели и не забележавме никакви компликации – изјави Собјанин пред новинарите, пренесе ТАСС.

Русија стана првата земја во светот што на 11 август регистрираше вакцина против коронавирусот, „Спутник 5“.

Вакцината е развиена од Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија на руското Министерство за здравство „Гамалеја“ и поминала клинички испитувања во јуни и јули.