Кина денеска објави дека ќе забрани влез за странски државјани со валидни визи и дозволи за престој, со цел да го намали бројот на увезени случаи на коронавирусот.

Забраната стапува во сила во сабота, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.

Министерството додава дека оние со дипломатски и деловни визи нема да бидат засегнати од забраната, а странските државјани кои пристигнуваат во Кина за економски, трговски, научни или технолошки активности, сепак ќе можат да аплицираат за виза.

Кина не регистрира скоро ниеден локален пренос на коронавирус во изминатата недела, но бројот на увезени случаи се зголемува.

Мерките се спротивни на претходната позиција на Кина во поглед на затворање на границите. Пред неколку недели, Пекинг ги обвини земјите кои забранија влез за патници од Кина.

Светската здравствена организација (СЗО) советуваше да не се воведуваат ограничувања за патувања во моментот на појавата на коронавирусот.

Респираторно заболување Ковид-19 предизвикано од коронавирус од декември одзема 3.227 животи во Кина. Инфицирани се вкупно 81.285, од кои 74.051 се опоравени, соопштија кинеските власти.

Во целиот свет борјот на заразени се зголеми над поливина милион, а умреа повеќе од 22.000 луѓе.