Италијанската влада донесе мерка со која се бара лицата постари од 50 години да се вакцинираат против коронавирус, бидејќи земјата се соочува речиси секојдневно со нови рекорди во бројот на инфекции предизвикани од сојот омикрон

– Сакаме да го запреме растот на инфекциите и да ги принудиме Италијанците кои се уште не се вакцинирани – изјави премиерот Марио Драги на седницата на Владата во средата, пренесува АП.

Драги рече и дека одлуката за задолжителна вакцинација на старите лица е донесена поради загриженост дека тие се изложени на поголем ризик од хоспитализација и „да се намали притисокот врз болниците и да се спасат животи“.

Претходно во текот на денот, во Италија беа потврдени 189.000 нови инфекции.

Владата не кажа со какви казни ќе се соочуваат невакцинираните постари лица, но министерот за здравство Роберто Сперанза им рече на новинарите дека секој на возраст од 50 или повеќе години ќе биде проверен за „супер зелена пропусница“ пред да влезе на своите работни места.

Условот за „супер зелена пропусница“ на работното место за повозрасните работници во јавниот и приватниот сектор стапува на сила од 15 февруари, за да им се овозможи целосно вакцинирање доколку тоа веќе не го сториле.

Владата наведе и дека сите што работат на факултет мора да се вакцинираат, без разлика на возраста, а во моментов вакцинацијата е задолжителна за наставниците, здравствените работници, припадниците на армијата и полицијата, без разлика на возраста.

Донесена е и мерка според која секој што работи или добива услуги во козметички салони и слични установи ќе мора да има негативен тест за корона вирусот, доколку не е вакциниран или неодамна не закрепнал од Ковид-19.

Истото правило ќе важи и за продавниците во трговските центри и банките и поштите, а аптеките и продавниците за храна ќе бидат изземени од ова правило, наведува АП.