фото: Викидата

Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Гебрејсус, денеска изјави дека би било опасно да се мисли дека екстремно заразниот вид омикрон е последен што ќе се појави во светот и дека ова е крајот на пандемијата.

Сепак, Тедрос додаде дека е можно оваа година да заврши акутната фаза на пандемијата, каде што ковид-19 претставува глобална здравствена закана, под услов стратегиите и помагалата како тестовите и вакцините да се користат правилно, објави „Ројтерс“.

Говорејќи на отворањето на состанокот на извршното тело, Тедрос истакна дека омикрон е откриен пред речиси 10 недели и дека оттогаш во светот се регистрирани 80 милиони случаи, повеќе отколку во 2020 година.

– Условите се идеални за појава на уште повеќе видови – додаде директорот на СЗО.

Тедрос посочи дека човештвото може да стави крај на коронавирусот како глобална здравствена закана со исполнување повеќе цели, како што е намерата на СЗО за вакцинирање 70 отсто од населението во сите земји до средината на годината, особено оние што се изложени на најголем ризик од Ковид-19, како и со внимателно следење на вирусот и новите варијанти што се појавуваат.