Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека омикрон, кој ја избегнува заштитата што ја обезбедуваат повеќето вакцини и терапии, е идентификуван во 149 земји. Брзо го заменува делта-сојот како доминантна варијанта.

Од панелот на Светската здравствена организација (СЗО) е препорачана употреба на два нови лекови, на фармацевтската компанија „Ели Лили“, „ГлахоСмитКлајн“ и „Вир Биотехнолоџи“, како нови опции за лекување на пациентите со ковид-19 бидејќи сојот омикрон брзо се шири.

Податоците на СЗО покажуваат дека омикрон брзо го заменува делта-сојот принудувајќи ги владите и научниците да ја зајакнат одбраната преку тестирање, инјекции и терапии.

Комисијата го препорача „Лилис бариситиниб“, продаден под брендот „Олумијант“, за пациенти со тешка слика на ковид-19 во комбинација со кортикостероиди, додека условно ја поддржува терапијата со антитела „ГСК-Вир“ за пациенти со поблага клиничка слика.

Досега, терапијата со моноклонални антитела „ГСК-Вир“ беше единствената што покажа ефикасност против омикрон во лабораториски тестови, додека слични третмани од „Ели Лили“ и „Регенерон“ понудија помала заштита при ваквите тестирања.

Експертите на СЗО забележаа дека ефективноста на третманот со моноклонални антитела – лабораториски произведени соединенија кои ја имитираат природната одбрана на телото – против новите соеви како што е омикрон сè уште е неизвесна, и рекоа дека упатствата за оваа класа лекови ќе бидат ажурирани кога ќе има дополнителни податоци.