Светската здравствена организација ја прошири листата на загрижувачки видови на коронавирус на два нови подвида – БА4 и БА5.

Овие мутации се откриени во Јужна Африка, но веќе се појавија во Европа, како и во Германија. СЗО ги наведе новите соеви како загрижувачки, бидејќи ефектите од мутацијата се непознати.

Комитетот на Светската здравствена организација за вонредни прашања едногласно оцени дека не е време да се „олабави одбраната“ во однос на пандемијата на ковид-19, изјави денеска претседателот на комитет Дидие Усин.

– Ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 е далеку од завршена, рече тој во Женева.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, истакна дека врз основа на таа проценка, тој го задржал највисокото ниво на тревога на СЗО на меѓународно ниво поради ковид-19: „состојба на итна ситуација за јавното здравје“.

– Констатирано е дека ситуацијата со пандемијата на Ковид-19 е далеку од завршена: циркулацијата на вирусот сè уште е многу активна, смртноста сè уште е висока и вирусот се развива на непредвидлив начин, рече Усен.

Сепак, се поголем број земји ги укинаа сите или дел од здравствените ограничувања воведени за борба против вирусот.

– Ова не е време за намалување на одбраната од вирусот, не треба да се откажеме од надзорот, тестовите и пријавувањето, не треба да ги ублажуваме социјалните и здравствените мерки и не треба да се откажеме од вакцинацијата, рече претседателот на Комитетот за вонредни состојби на СЗО.

Претседателот на СЗО Тедрос рече дека добрата вест е што во светот минатата недела е регистриран најмал број на смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Сепак, тој нагласи дека некои земји сè уште минуваат низ врвовите на инфекцијата што врши притисок врз нивниот болнички систем.

Тој оцени и дека регистрирањето на трендовите е загрозено со намалувањето на бројот на извршени тестови.

Според најновиот неделен извештај на СЗО за епидемиолошката состојба, објавен вчера, бројот на заболени од Ковид продолжува да опаѓа трета последователна недела, за 24 отсто од 4 до 10 април во споредба со претходната недела. Бројот на починати, исто така, падна за 18 отсто во однос на претходната недела.