Фото: Архива

Потребни се уште 16 милијарди долари за да им се помогне на земјите со ниски приходи да се справат со пандемијата со ковид-19, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Според СЗО со средствата треба да се обезбедат вакцини, тестови и лекови според програмата на ОН. Износот може да се искористи и за складирање на 600 милиони дози вакцини, купување 700 милиони тестови и за лекување на 120 милиони пациенти.

– Науката ни даде алатки за борба против ковид-19, ако тие бидат солидарно споделени на глобално ниво, годинава можеме да ставиме крај на ковид-19 како глобална вонредна состојба – изјави директорот на Тедрос Аданом Гебрејсус.

Според проценките на ОН, 92 отсто од средствата треба да се обезбедат од Европска Унија и од Г-20.


СЗО: Половина милион починати откако е откриен омикрон

Светската здравствена организација изрази жалење бидејќи половина милион луѓе во светот починале откако е откриен сојот омикрон на коронавирус, иако постојат вакцини, нарекувајќи го бројот „повеќе од трагичен“.

– Иако целиот свет се изјасни дека омикронот е побенигнен, половина милион луѓе починаа откако е откриен, изјави претставникот на СЗО, Абди Махамуд.

Тој истакна дека „во ерата на ефективни вакцини, половина милион починати е повеќе од трагично“.

Според него, во светот се регистрирани 130 милиони заразени случаи и 500.000 починати откако СЗО го нарече омикрон „загрижувачка“ варијанта кон крајот на ноември.

– Бројот на случаи на омикрон е „неверојатен“, а реалниот број на инфицирани и смртни случаи веројатно ќе биде поголем од официјалните бројки, истакна претставничката на СЗО, Марија Ван Керхове.

Од ковид-19 починаа речиси 5,75 милиони луѓе низ светот од почетокот на пандемијата. Досега се употребени 10 милијарди дози од вакцините.