Фото: Принтскрин

Медицинските сестри што се позитивни на коронавирус се повикани да работат во болниците во Нов Јужен Велс, што е спротивно на државните здравствени протоколи, објавува „Гардијан“, истакнувајќи дека раководителите на болниците прибегнуваат кон очајнички мерки со цел здравствените установи да го издржат притисокот создаден од ширењето на омикрон.

Во австралиската држава Нов Јужен Велс јавните болници вклучуваат три локални здравствени области, вклучувајќи ги главните болници во Сиднеј и помалите регионални здравствени установи.

Во една болница во Сиднеј, медицински сестри кои се позитивни на коронавирус, се ангажирани да работат во ковид-одделенијата, меѓутоа во други болници има случаи на работа со пациенти што не се заразени.

– Господ да му помогне на секој пациент што не е заразен со коронавирус во болница во моментот. Тие се како голи цели – рече една медицинска сестра во разговор со новинарот на „Гардијан“.

За време на новогодишната ноќ, во Нов Јужен Велс беше објавено ослободување од протоколот за работниците што треба да бидат во седумдневна изолација и нивно враќање на работа доколку им се дијагностицираат асимптоматски случаи и ако работодавецот ги прогласи за неопходни за извршување активности.

Сепак, портпаролот на Министерството за здравство потврди дека медицинските сестри позитивни на коронавирус не спаѓаат под ова ослободување.