Шпанската влада работи на регулативи за ограничување на малопродажните цени на антигенските тестови на ковид-19, рече премиерот Педро Санчез, откако многу аптеки останаа без клучните алатки во борбата против инфекцијата во декември.

Опозициските политичари и групите на потрошувачи протестираа против повисоките цени на антигенските тестови во Шпанија во екот на инфекцијата од омикрон и недостигот на тестови во аптеките, а многумина бараат да се овозможи нивна продажба и во супермаркетите.

„Пред и по Божиќ, разговаравме за снабдувањето со тестови, се појавија тесни грла“, рече Санчез.

„Сега ќе се занимаваме со контрола на цените на тестовите“, додаде шпанскиот премиер.

„Можеби е време да се воведат други параметри за следење на пандемијата“, рече тој посочувајќи на намалените смртни случаи од ковид-19.

Тој го потврди извештајот на дневниот весник „Ел Паис“ дека властите размислуваат да го следат коронавирусот слично како и грипот, што би значело дека нема да се регистрира секој случај на инфекција или ќе бидат тестирани сите граѓани со симптоми.

Шпанија во јануари ќе купи 344.000 дози од антивирусниот лек на Фајзер против ковид-19, најави Санчез.

„Паксловид“ е наменет за возрасни лица со лесна до умерена форма на болеста и висок ризик од влошување на симптомите, а најефикасен е кога се зема во раните фази на болеста, пред хоспитализација, анализираат експертите.