Фото: Принт-скрин

Новите лекови против ковид-19 произведени од страна на американските фармацевтски компании ветуваат пресвртница во борбата против пандемијата, но додека некои држави веќе ги воведуваат во употреба, други се загрижени дека недостигот и производствениот хаос би можеле да му наштетат на глобалното снабдување со долгоочекуваните лекарства, пишува „Вашингтон пост“.

– Слушнавме дека нема доволно количества за да се овозможи светски пристап до овие лекарства – кажа колумбискиот министер за здравство Фернандо Руиз, изразувајќи загриженост дека ситуацијата со снабдувањето со аплињата ќе ја преслика онаа со недостигот на вакцини против ковид-19.

Стравувањето на Руиз веројатно е оправдано. Богатите држави веќе откупија голем дел од терапиите што се очекува да бидат достапни во првата половина од годинава. Ефективната употреба на лекарствата, вклучувајќи ги „Паксловид“ на „Фајзер“ и „молнупиравир“ на „Мерк“, бара и пристап до тестови за ковид-19 за кои исто така постои недостиг во одредни делови од светот.

– Ова повеќе наликува на Дивиот Запад во однос на вакцините – вели Ана Тејлор од тимот на американскиот универзитет „Дјук“ кој го следи процесот со нарачување на лекарствата против ковид-19.

Според последните информации, здравствените власти во Македонија сè уште прават анализи за потребните количини од лекот „молнупиравир“, кој е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19 во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот.

Кон средината на минатиот месец, од Министерството за здравство, од каде што претходниот период го најавија лекот „молнупиравир“, одговорија дека во тек се анализи за проценка на потребните количини и обезбедување на извори на финансирање за набавка на терапијата.

Од министерството не наведуваат податоци за тоа колкаво количество од овој лек би се набавило, колку би чинело тоа или кога ќе стаса, како и кога ќе биде одобрен за употреба во земјава и како ќе им се препишува на заболените. Велат дека навремено ќе информираат за новостите околу набавката на лекот.

Македонија сè уште анализира за набавката на лекот „молнупиравир“ – во регионот почна да пристигнува

Извесно е дека ќе дојде до нееднаквост во раното снабдување со новите терапии. Во извештај на Светската здравствена организација (СЗО) се предупредува дека постои голем ризик од недостиг во снабдувањето со „Паксловид“ за посиромашните држави додека лекот не биде широко распространет, што се очекува во втората половина од годинава.

Но постојат назнаки и дека снабдувањето со новите лекови против ковид-19, ќе се одвива различно во однос на снабдувањето со вакцините, бидејќи „Фајзер“ и „Мерк“ се согласија да ја споделат лиценцата за лекарствата кои покажаа ветувачки резултати при испитувањата.