Kонтроверзниот француски доктор стана одметник во борбата против коронавирусот

2786
Дидие Раул

Дидие Раул се залага за употребата на лекот против маларија во лекувањето од ковид-19, поради што се најде во судир со јавните здравствени власти

Авторки: Рим Момтаз и Лорен Морело

Политико

Седејќи во својата ординација во болницата во Марсеј, Дидие Раул убеди илјадници, меѓу кои и американскиот претседател, дека лекот против маларија може да ги спаси луѓето заразени со ковид-19. За само неколку недели, контроверзниот микробиолог стана најпознатиот доктор во Франција откако на Јутуб го претстави „крајот“ на коронавирусот.

– Зошто не го користиме? Неговата предност е што е евтин, или можеби тоа не им е во корист на големите фармацевтски компании кои заработуваат огромни пари на грбот на нашите граѓани – за „Франс интер“ порача Бруно Ретајо, лидерот на конзервативната партија Републиканци во сенатот.

Хлорокин и неговото соединение хидроксихлорокин се најдоа во фокусот на жестоката дебата во Франција откако Раул, кој е шеф на институтот на универзитетската болница во Марсеј, соопшти дека дале ветувачки резултати на мала група испитани пациенти во февруари. Оттогаш луѓето стоеја во редици пред неговата болница за да го добијат лекот, и покрај предупредувањата од научната заедница за начинот на кој Раул го извел и спровел тестирањето, чии резултати не добиле рецензија пред објавувањето.

– Студијата на д-р Раул опфати 24 лица. Каков министер за здравство би бил ако само врз основа на една ваква студија соопштам пред францускиот народ да земе лек кој може да предизвика срцеви компликации кај некои пациенти – порача министерот за здравство Оливие Веран за „Франс 2“.

Хлорокинот и неговите соединенија се користеа во лекувањето на пациенти од ковид-19 во неколку држави, меѓу кои и Кина, но ставовите на Раул се косат со пристапот на неговите колеги, затоа што тој тврди дека од неколку лекови само тој покажал потенцијал. Тој е дел од четирите лекови кои сега се тестираат во клиничката студија „Откритие“ во државите од ЕУ.

Во САД, притисокот на претседателот Доналд Трамп за стариот лек против маларија, за кој тој вети дека „веднаш ќе стане достапен“, го наруши одговорот на јавните здравствени агенции против коронавирусот. Најновата студија на Раул објавена во петокот наиде на нов бран на критики од научната заедница. Некои пациенти кои биле лечени со хидроксихлорокин починале од срцев удар, според весникот „Ле поинт“, што предизвика сериозна загриженост за ризиците поврзани со овој лек.

Чудото од доктор

Како самопрогласеното „чудо“ во медицинската заедница, 68-годишниот Раул е познат научник во микробиологијата, особено по неговата работа со вирусите, но сепак претставува контроверзен лик поради скептичните ставови за Дарвиновата теорија, климатските промени, некои вакцини, па дури околу препораките за изложеност на сонце и консумирањето алкохол.

– Не се грижам за туѓото мислење. Не сум аутсајдер, туку само сум понапред од другите – изјави тој за локалниот весник „Ла прованс“.

Поради неговиот слободен дух и судирот со париската елита стана медиумска сензација.

– Париз има еден вид на синдром на Версај од 18 век. Секој контактира со секого, препораките кружат само меѓу пријатели и сè се случува во затворен круг. Светот повеќе не функционира така – изјави тој за „Либерасион“.

Функционерите го сфаќаат многу сериозно, дури и во највисоките кругови. Раул официјално беше член на првиот научен совет свикан со цел да го советува претседателот Емануел Макрон за епидемијата на коронавирусот, иако престана да присуствува на состаноците поради несогласувањата околу обемот на скринингот и тестирањата.

– Не постојат несогласувања меѓу Дидие Раул и владата – за „Политико“ изјави портпаролот на претседателот и додаде дека самиот Макрон рано стапил во контакт со него во рамки на научните советодавни одбори на владата.

Раулманија

Раул има 371.000 обожаватели на Фејсбук, а преку 200.000 следбеници на Твитер. Теоретичарите на заговор го користат неговото име за да се вклучат во дебати на Интернет.

– Живееме во свет на лажни вести и хиперкомуникација при што станува многу сложено за властите и справувачите со кризи да направат разлика меѓу вистината и лагата. Сега од една страна е силно изразена чувствителноста кон медиумскиот феномен, а од друга страна не смее да се загубат интересите за заштита на пациентите – изјави Давид Грузон, поранешен советник за здравство на поранешниот премиер Франсоа Фијон.

Радиото „Франс интер“ пренесе за неколку случаи на пациенти кои се заканувале дека ќе ги тужат болниците ако не им го препишат лекот, додека некои корисници на Фејбук водат „дневници на хлорокин“. Како резултат на зголемената побарувачка во француските аптеки, експертите предупредуваат за преголемата популарност на непроверените лекови и стравуваат дека ќе има недостиг од истите за пациентите со лупус, кои го користат хлорокинот за да избегнат воспаленија поврзани со нивната автоимуна болест, како што пренесе „Франс 24“.

На политички план, противниците на Макрон го користат Раул и неговата популарност за да ја поткопаат владината порака во овој период на криза со коронавирусот. Ултра-десничарските лидери застанаа на страната на Раул, а лидерката на Национално обединување, Марин Ле Пен, упати апел на докторите да им се дозволи „веднаш“ да препишуваат хлорокин, но и сомнежи околу процените на владата за состојбата.

Превод: Билјана Здравковска