Фото: Пиксабеј

Јапонија е последната држава што се соочува со парадоксот на омикрон, бележејќи зголемување на бројот на новозаразени, додека истовремено пропорционално се намалуваат сериозните случаи, пишува „Форин полиси“. Тоа претставува предизвик за државата која засега го избегна најлошото во пандемијата, односно за јапонските власти кои се обидуваат да изнајдат соодветен одговор во ситуација кога ублажија дел од рестрикциите.

Новите случаи во Јапонија достигнаа рекордни нивоа. Последните податоци покажуваат дневен просек од 76.800 заразени, што е двојно зголемување од бројките пред две недели. Ваквата состојба, сепак, ги зголемува хоспитализациите, дури и во ситуација кога на рекорден број заболени, вкупно 264.000, им е кажано да се лекуваат во домашни услови.

По речиси сите критериуми, јапонскиот одговор на пандемијата досега беше успешен. Бројот на смртни случаи од ковид-19 изнесуваше само два отсто од нивото во САД по глава на жител, а според одредени испитувања, всушност имаше помалку смртни случаи отколку вообичаено во земјата на изгрејсонцето.

Ваквата состојба наведе многумина во Јапонија да се повикуваат на „супериорноста на нејзиниот народ“ кога зборуваат за малиот забележан број на смртни случаи од ковид-19. Експертите, пак, сметаат успехот на азиската држава во справуањето со коронавирусот се должи на повеќе причини. Дури и пред пандемијата, носењето заштитни маски беше вообичаена практика во Јапонија, а постои и колективна свест за почитувањето на мерките, како и широко прифаќање на вкацините. По бавниот почеток на кампањата за имунизација, речиси 80 отсто од јапонското население досега прими две дози вакцини против ковид-19.

Од друга страна, програмата за следење на контактите на заразените, соочена со омикрон, се чини претерана и без ефект. Професорот на универзитетот во Нигата, Југо Шобугава, изрази сомнеж дека јапонското следење на контактите може да се справи со ширењето на коронавирусот. Тој забележува дека омикрон е високо заразен, со што можно е ширење без дефинирањето на блиските контакти.

Премиерот Фумио Кишида нагласи дека веќе се донесени агресивни мерки и вети забрзување на програмата за бустер-дози, кои досега ги примија само 20 отсто од Јапонците на кои им беа достапни. Истовремено, неговата администрација покажа волја за ублажување на рестрикциите во обид за помош на бизнисите, додека Јапонија ги обмислува мерките соочена со омикрон.