Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ сѐ уште е во центарот на вниманието на светските медиуми поради депортацијата од Австралија, која и по два судски спора не сакаше да го пушти невакциниран во земјата.

Откриено е дека Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена во јуни минатата година инвестирале во компанијата „КвантБиоРес А/С“, која, меѓу другото, се занимава со потрага за лек против коронавирусот. Компанијата е регистрирана на 3 јуни 2020 година во Данска, далеку од очите на локалната јавност, објавија регионалните медиуми.

Официјалната веб-страница на данскиот централен деловен регистар содржи информации за основачите и сопствениците на компанијата, а се наведува дека Новак и Јелена Ѓоковиќ поседуваат вкупно 80 проценти од компанијата. Сопственоста на Новак е 40,8, а на Јелена 39,2 отсто. Како директор на компанијата се споменува Иван Лончаревиќ, а меѓу тројцата членови на одборот на директори е и Новак Ѓоковиќ.

Исто така, на сајтот е објаснето дека станува збор за компанија која се занимава со производство на фармацевтски препарати. Според Лончаревиќ, водечкиот светски рекет кој има заработено над 150 милиони долари само од тенисот, купил 80 отсто од акциите во компанијата во јуни 2020 година.

Компанијата од Копенхаген се обидува да развие третман против ковид-19 на база на „пептиди“, што оневозможува вирусот да ги зарази клетките. Тие очекуваат оваа година да почнат со клинички тестови во Велика Британија, а имаат истражувачи во Данска, Австралија и Словенија. Лончаревиќ вели дека се работи за третман, а не а развој на нова вакцина.