Европската агенција за лекови (ЕМА) почна ревизија за да процени дали вакцината против ковид-19 на Фајзер и Бионтек може да се користи како трета дополнителна вакцина кај адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

ЕМА во денешното соопштение наведува и дека во тек е ревизија на примената на бустер доза на вакцината за тинејџери на возраст од 16 и 17 години.

Германскиот комитет за вакцини минатиот месец препорача да се даде дополнителна доза за деца на возраст од 12 до 17 години, по првичната имунизација со две дози, имајќи предвид дека стапката на зараза продолжува да расте, особено кај младите, додека сите други земји во регионот го следеа примерот.

ЕМА наведе дека „препораките за тоа како треба да се даваат вакцините остануваат одговорност“ на советодавните тела на земјите-членки.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) денеска во посебен извештај соопшти дека досегашните наоди укажуваат на зголемување на ефикасноста на вакцината против зараза кај адолесцентите кои примиле бустер во споредба со адолесцентите кои неодамна завршиле со примарна вакцинација.

Се додава дека сè уште нема податоци за времетраењето на заштитата од дополнителната доза и за дополнителната ефикасност од тешки форми на болеста.

ЕЦДЦ соопшти дека 10 земји во Европската економска област, составена од 27 земји-членки на ЕУ, заедно со Лихтенштајн, Исланд и Норвешка, веќе препорачале засилена доза за лица под 18 години.