Илустрација/Фото: Пиксабеј

Европската агенција за лекови (ЕМА) денеска соопшти дека се надева оти вакцината адаптирана за одредени варијанти на коронавирус, како што е омикрон, ќе биде одобрена до септември.

– Наш приоритет е да се осигуриме дека приспособените вакцини потенцијално ќе бидат одобрени најдоцна до септември, за да бидат подготвени за новите есенски кампањи за имунизација во ЕУ – рече Марко Кавалери, раководител на Одделот за биолошки здравствени закани и стратегии за вакцини во ЕМА .

– Тоа ќе им овозможи на производителите соодветно да ги приспособат своите производствени линии – додаде тој.

Вакцините базирани на мРНА, произведени од „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, се најдалеку отидени, а клиничките испитувања се во тек.

– Сè уште не се знае дали вакцините ќе имаат за цел една или две варијанти во една доза – додаде Кавалери.

Според него, околу половина од граѓаните на ЕУ се целосно вакцинирани и добиле дополнителна доза, додека 15 отсто од оние над 18 години воопшто не се вакцинирани.