Одлуката на Израел да стане првата држава што препорача четврта доза вакцина за да се бори против високозаразниот омикрон, уследи откако тамошните надлежни здравствени служби заклучија дека бустер-дозата се покажала успешна против делта-сојот на коронавирусот, пишува „Вашингтон пост“.

Израелските здравствени служби истакнаа дека одлуката не е основана врз научни податоци за омикрон-видот, но веруваат дека препорачувањето на дополнителна доза вакцина е потребно бидејќи сметаат оти способноста на бустерот за спречување на заразата опаѓа со тек на време.

Според одлуката објавена во вторникот, четвртата доза од вакцината на „Фајзер“ ќе биде достапна за постарите од 60 години, тие со намален имунитет и за вработените во здравството. Се наведува и дека е потребно да поминат повеќе од четири месеци помеѓу третата и четвртата доза.

Одлуката чека одобрување од директорот на израелското Министерство за здравство, Нахман Аш, но здравствените установи веќе се подготуваат за имунизацијата.

Израел наведува дека се наоѓа во петтиот бран од пандемијата, откако досега забележа 341 случај на омикрон, од кои поголем дел се од патниците што се вратија во државата од странство.

Од вкупното население на Израел од 9,3 милиони, вкупно 6,4 милиони примиле една доза, 5,8 милиони две, а 4,1 милиони три дози.