Британскиот премиер Борис Џонсон соопшти дека Велика Британија од 1 јуни ќе воспостави систем на „тестирање, следење и трагање“ во борбата против коронавирусот.

Џонсон пред пратениците кажа дека владата прави брз напредок.

Тој најави дека од 1 јуни ќе бидат ангажирани 25.000 трагачи кои ќе можат да ги следат контактите на 10.000 новозаразени лица дневно, за разлика од досегашните 2.400.

Кир Стармер, лидер на најголемата опозициска Лабуристичка партија, го критикуваше Џонсон и неговата влада поради неефикасниот систем за следење и трагање скоро 10 недели по почетокот на пандемијата, што тој го оцени како огромна дупка во одбраната на земјата од коронавирусот.

– Веруваме дека ќе имаме систем за ‘тестирање, следење и трагање’ во борбата против вирусот, што ќе стапи на сила од 1 јуни – рече Џонсон.
Тој додаде дека веќе се регрутирани 24.000 трагачи.

Следењето на контакти е систем што се користи за да се забави ширењето на заразни болести како што е коронавирусот и веќе се користи во Хонгконг, Сингапур и Германија.

Еден метод вклучува заразеното лице да достави список на сите луѓе со кои остварило контакт, за тие да бидат лоцирани преку телефон или електронска пошта.

Вториот метод користи мобилна апликација за следење на локациии, која ги идентификува луѓето со кои пациентот бил во контакт.