Американската компанија „Џонсон и Џонсон“ ќе започне да ја доставува вакцината против Ковид-19 во Европа на 19 април, изјави компанијата за „Франс прес“.

Вакцината беше одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА) во средината на март, следејќи ги „Фајзер и Бионтек“, „Модерна“ и „Астразенека“.

Во моментов се дава само во САД и Јужна Африка, а е одобрена и во Канада. Европската Унија нарача 200 милиони дози од оваа вакцина, со можност за набавка на уште 200 милиони дози.

Европската унија се очекува да добие околу 55 милиони дози во вториот квартал на оваа година, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средината на март.

Компанијата не објави план за испорака. Вакцината се базира на вирусен вектор, технологија што компанијата веќе ја користеше за вакцината против ебола.

Оваа вакцина се дава во единечна доза и може да се чува во фрижидер.