Британскиот премиер, Борис Џонсин, се соочи со повици за истрага за справувањето на неговата влада со коронавирусот, бидејќи не успеала во целост да ги објасни разликите во податоците со бројот на починати, малиот број тестирања и недостигот на опрема во болниците.

Епидемијата на коронавирусот, која е најлоша здравствена криза од пандемијата на грип во 1918 година, ги стави владите во светот во ситуација без преседан со населението под стрес, застој на глобалните економии и преоптовареност на здравствените системи.

Џонсон првично не беше подготвен да одобри рестриктивни мерки какви што наметнаа другите европски лидери, туку подоцна ги усвои, кога проекциите покажаа дека во Обединетото Кралство би можеле да умрат 250.000 луѓе.

Од воведувањето на мерките владата дава противречни објаснувања за тоа зошто не се придржила до шемата на ЕУ за купување респиратори и признала дека има проблем во набавката на заштитна опрема за здравствените работници.

– Кога ќе ја пребродиме оваа криза, ќе биде потребно да се спроведе независна истрага за официјално да се преиспита одоговорот на владата на пандемијата. Истрагата мора да има најсилни овластувања со оглед на шокантниот недостиг на заштитна опрема за персоналот и бавниот одоговор на владата, за да се утврди вистината и да му пружи можност на Борис Џонсон да одговори на сите сериозни прашања – изјави Ед Давеј, вршител на должноста шеф на опозициските ливерални демократи.

И лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Кир Стармер, рече дека владата е бавна во одговорот на кризата. 

Џонсон се разболе од ковид-19 на почетокот од овој месец и заврши на интензивна нега. Сега заздравува, но одржува онлајн по неколку состаноци.

Вистинскиот број смртни случаи на ковид-19 во Велика Британија беше 40 отсто поголем од владините бројки до 10 април, покажаа официјалните податоци според кои земјата би можела да биде меѓу најтешко погодените во Европа.