Пандемијата на коронавирус можеби е најголемиот тест за политичките лидери кој светот воопшто го видел досега. Светските лидери се пред предизвици, а меѓу нив, неочекувано се истакна новозеландската премиерка Џасинда Ардерн. Секој лидер на планетата е соочен со истата потенцијална закана. Секој лидер реагира различно, во свој сопствен стил. И секој лидер ќе биде оценет според неговите резултати, пишува „Атлантик“.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја прифаќа науката. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ја отфрла опасноста. Секојдневните брифинзи на американскиот претседател Доналд Трамп претставуваат циркуски спектакл, додека индискиот премиер Нарендра Моди воопшто нема редовни брифинзи, дури и кога практично во карантин затвори 1,3 милијради луѓе.

Џасинда Ардерн, 39-годишната премиерка на Нов Зеланд, го отвора својот пат. Нејзиниот стил на водење на државата е повикување на емпатија во криза, која луѓето ги искушува да се борат само за себе. Луѓето сметаат дека Ардерн не им „држи предавања“ туку дека стои со нив, вели за „Атлантик“, Хелен Кларк, поранешна премиерка на Нов Зеланд од 1999 до 2008 година.

– Тие дури можат да помислат па, не знам баш зошто владата го направи тоа, но знам дека се грижат за нас. Постои висок степен на доверба во неа поради емпатијата. Таа е комуникатор. Ова е вид на криза која или создава или уништува лидери. А ова ќе ја создаде Џасинда – рекла Кларк, забележувајќи дека Ардерн се стекнала со диплома за комуникации.

Како што наведува „Атлантик“, особено се важни нејзините вклучувања во живо преку Фејсбук, кои се и информативни и неформални, бидејќи во нив се појавува во „клучно издание“. Така направила и кога кон крајот на март најавила воведување мерки за затворање на државата.

Таа рекла дека и е јасно дека луѓето се загрижени кога ја добиле пораката за новите мерки и ги смирила со објаснување како треба да се однесуваат. Џасинда ги оправдала острите мерки со практични примери – луѓето не треба да патуваат, бидејќи што ако заминат на некое оддалечено место, а нивниот автомобил се расипе?

Џасинда рекла дека како родител знае дека е навистина тешко да се избегнуваат игралиштата, но вирусот може да опстане на површините до 72 часа. Ардерн очекувала дека затворањето ќе трае неколку недели, а дека случаите ќе растат.

– Поради начинот на кој се однесува коронавирусот нема да видиме позитивни користи од напорите кои ќе ги вложите во самоизолација… најмалку 10 дена. Немојте да бидете обесхрабрени – рекла Ардерн.

Премиерката на Нов Зеланд има и брифинзи со своите соработници и новинарите.

 – Трамп има брифинзи, но тоа е поинакво шоу. Никогаш Џасинда не нападнала новинар кој поставил прашање – рекла Кларк, повикувајќи се на честите испади на американскиот претседател и караниците со новинарите.

Ван Џексон, експерт за меѓународни односи од Универзитетот Викторија во Велингтон, вели дека Џасинда не ја префрла вината на други и дека не се занимава со разни дезинформации. Според Џексон, премиерката најмногу се повикува на тоа луѓето да бидат добри едни према други.

Иако се чини дека на опуштен начин се обидува да ја реши кризата, вистина е дека пристапот на Ардерн е исклучително ефикасен.

Ноз Зеланд кон епидемијата реагираше со брзи и строги мерки поради кои во земјата има многу малку заболени и жртви отколку во другите земји. И не само тоа, Нов Зеланд се обидува во целост да го уништи вирусот, преку широко тестирање на Ковид-19. Исто така, здравствениот систем не е оптоварен, новите случаи го достигнаа врвот на почетокот на април, а до денеска од коронавирус починале 12 луѓе од речиси пет милиони жители.

Дури 88 проценти од испитаниците во една анкета на агенцијата „Колмар Брунто“ рекле дека имаат доверба во владата и нејзината борба против коронавирусот, а дури 84 отсто го одобрува нејзиниот одоговр на пандемијата.

Во меѓувреме, земјата најави дека ќе олабави дел од мерките воведени против пандемијата.