Кина се надева да ја тестира вакцината против ковид-19 во странство додека научниците го планираат спроведувањето на масовни тестирања за да ја испитаат нејзината ефективноста, пренесува „Саут чајна морнинг пост“.

Воените научници работат на вакцината и резултатите од првите клинички тестирања ќе бидат објавени во текот на месецов. Оваа фаза почна во Вухан на 16 март, со давањето на вакцината на 108 доброволци.

– Го сопревме вирусот бргу, па сега немаме доволно потврдени случаи за понатамошно тестирање на вакцината – вели вирологот Чен Линг од државната лабораторија за респираторни заболувања.

За втората и третата фаза на тестирањето потребни се илјадници субјекти, а спроведувањето на овие тестови во најпогодените држави би овозможило побрзи и попрецизни резултати, според Чен Линг.

Ако иницијалните резултати докажат дека вакцината е безбедна и ги постигнува посакуваните ефекти, Кина ќе бара нејзино тестирање во странство, доколку глобалната пандемија продолжи да се шири, како што истакна Чен Веи, врвниот епидемиолог на Академијата за воени медицински науки, за кинеските државни медиуми.

Таа додава дека повеќе држави изразиле заинтересираност за соработка со нејзиниот истражувачки тим за тестирање на вакцината, која користи безопасен вирус за создавање на имунитет. Но не откри за кои држави станува збор.

Тао Лина, експертот за вакцини од Шангај смета дека би било подобро идните клинички тестирања да се спроведат во најпогодените или најразвиените држави, како што се Велика Британија и Германија. Тој мисли дека е мала веројатноста за САД да соработуваат со Кина на ова поле. Неговиот колега Жоу Ченминг поосочува дека соработката помеѓу кинеските и американските научници би била идеална за развивањето на вакцина.

– Најдоброто оружје против пандемијата е заедничката опрација помеѓу Кина и САД, ставајќи ги политичките несогласувања настрана. Сега целиот свет, а не само САД и Кина, се соочуваат со заеднички непријател – ковид-19 – објаснува Жоу Ченминг.

Бројот на потврдени случаи во Италија, Шпанија и во САД го надмина оној во Кина. Досега се забележани најмалку 900 илјади заразени и повеќе од 45 илјади смртни случаи низ светот.