Јин Веидонг смета дека „Синовак“ има 80 отсто шанси за успех во развојот на вакцина

На бирото на извршниот директор на кинеската компанија „Синовак“, Јин Веидонг, во неговата канцеларија во Пекинг, се наоѓаат неколку епрувети со вакцина против коронавирус наречена „коронавак“. Тестирањата на вакцината влегоа во третата фаза, во која се вклучени околу девет илјади доброволци во Бразил, пренесува „Тајм“.

– Гледајќи ги собраните податоци, мислам дека имаме 80 отсто шанси за успех – вели Веидонг.

Вообичаено стигнувањето до третата фаза во рок од 10 години се смета за брзо. Вакцината против заушки чиј развој се смета за најбрз, беше создадена за четири години. А доколку развојот оди според предвиденото, „коронавак“ може да биде достапна веќе на почетокот на следната година.

– Дали навистина мислите дека тоа е брзо. Во споредба со ширењето на вирусот, тоа не е доволно брзо – смета Веидонг.

„Синовак“ цели да произведе 300 милиони дози годишно, со што достапноста на вакцината ќе биде предизвик, бидејќи за едно лице се потребни две дози.

Кинеската компанија се обврза да сподели 60 до 100 милиони дози со Бразил по соработката со институтот во Сао Пауло во тестирањето на вакцината. „Синовак“ е во преговори и со неколку држави, меѓу кои се Турција и Индонезија.

– Ќе ја споделиме нашата вакцина со светот – категоричен е Веидонг.

Моментно над 20 компании работат на развојот на 130 потенцијални вакцини против ковид-19.