Секоја година, како што зимата се наближува и маглата го исполнува небото над индискиот главен град Њу Делхи, Џарма Саркар (66) се плаши за нејзиното здравје. А сега е навистина ужасната, пишува „Вашингтон пост“.

Пензионерката болува од астма која е влошена од големата загаденост во Њу Делхи. А сега е присутна и опасноста од коронавирусот. Нејзиниот син и постар брат беа заразени од ковид-19. Нејзиниот син закрепна, но не и нејзиниот брат, кој почина.

Њу Делхи се соочува за загадениот воздух и со рекордно зголемување на бројот на случаи на коронавирус. Докторите и научниците велат дека комбинацијата ќе има последици, бидејќи изложеноста на загадување го зголемува ризикот од респираторни заболувања, а загадениот воздух ги прави луѓето повеќе подложни на инфекции. Неодамнешна студија во Европа тврди дека бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 можел да биде понизок за 15 отсто на светско ниво, доколку нивото на загаденост на воздухот било пониско.

Индија досега забележа повеќе од 8,7 милиони случаи на коронавирус, со што е на второто место во светот, зад САД. Њу Делхи бележи 7.000 новозаразени дневно, а се очекува тој број да се зголеми.

Квалитетот на воздухот во поширокот подрачје на Њу Делхи каде што живее население од 30 милиони, веќе опадна значително. Секоја есен, кога температурите паѓаат, над градот се јавува загаден смог. На 10 ноември, нивото на ПМ10 честички во воздухот во Њу Делхи било за 30 пати поголемо од дозволеното количество, предвидено со стандардите на Светската здравствена организација.

Докторите во Њу Делхи велат дека спојот на пандемијата и на загадениот воздух е загрижувачки, наведувајќи дека „ги чека многу тешка зима“. Со последиците од загадениот воздух во Њу Делхи се справуваат и оние што закрепнале од ковид-19, а докторите ги советуваат да одат на место со почист воздух.

 – Честопати имам чувство дека не можеме да живееме тука. Но не знам каде би оделе – заклучува Саркар.