Јужна, Централна и Северна Америка станаа жариште на пандемијата на коронавирусот, изјави директорката на Панамериканската здравствена организација (ПАХО), Кариса Етиен.

Таа посочи дека повеќе од 2,4 милиони случаи на заболени и над 143.000 смртни случаи биле потврдени во тој дел на светот, но исто така предупреди дека реалниот број на заболени луѓе може да биде уште поголем.

– Особено сме загрижени што бројот на нови случаи пријавени минатата недела во Бразил е најголем од почетокот на епидемијата. Перу и Чиле исто така пријавуваат висока стапка на инфекција – рече директорката на огранокот на Светската здравствена организација, пренесува ТАСС.

За повеќето земји од регионот сега не е време да се релаксираат ограничувањата или да се намалат стратегиите за превенција, предупреди Етиен.

Според податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, СД се најтешко погодената земја со над 1,68 милиони случаи, а потоа следува Бразил со 374.000.

Скоро 124.000 луѓе се заразени во Перу, 88.000 во Канада, 80.000 во Чиле и 71.000 во Мексико.