По појавата на ново жариште на коронавирусот, што предизвика страв од нов бран, Јужна Кореја денеска повторно активира низа мерки во борба против ковид-19.

Во земјата денеска е регистриран пораст на бројот на новозаразени од коронавирус по речиси два месеца, со жариште во еден магацин на компанија за интернет-продажба во близина на Сеул.

– Одлучивме на две недели да ги зајакнеме мерките на карантин во градската зона, почнувајќи од утре па до 14 јуни – најави јужнокорејскиот министер за здравство, Парк Неуг-хо.

Тој истакна дека следните две недели се од суштинско значење за спречување на ширењето на заразата во градската зона.

– Ќе мораме да се вратиме на строгата социјална дистанца ако не успееме и ако во наредните седум дена по ред бидат регистрирани над 50 нови случаи на дневно ниво – додаде министерот.

Јужна Кореја имаше многу ефикасен одговор на пандемијата, а од 6 мај ги ублажи воведените мерки.

Музеите, парковите и уметничките галерии наредните две недели повторно нема да работат, а компаниите се повикани повторно да воведат работа од дома, објасни јужнокорејскиот министер.

На граѓаните им е препорачано да избегнуваат собири и да не посетуваат кафулиња и ресторани.

Властите денеска соопштија дека се регистрирани нови 79 заболени, што е најголем број од 5 април, па вкупниот број на инфицирани достигна 11.344.

Според податоците на центарот за контрола и спречување болести, 69 новозаболени оделе во магацинот на компанијата за продажба преку интернет, која се наоѓа во предградие на Сеул.