Јапонската влада ги повика регионите со најголем број заразени со коронавирус да ги зачуваат болничките кревети за сериозно болните пациенти и да ги испраќаат пациентите со средно тешка болест и оние без симптоми на домашно лекување или во хотел.

Овој потег на владата, кој покажува загриженост поради зголемениот притисок врз јапонскиот здравствен систем, дојде откако еден од најугледните претприемачи, интернет-милијардерот Хироши Микитани, им се придружи на апелите упатени до премиерот Шинзо Абе да прогласи вонредна состојба, бидејќи се зголемува бројот на заразени лица.

До сега, сите пациенти со вирусот корона се хоспитализирани во Јапонија, без разлика дали се асимптоматски случаи или со благи симптоми. Но, кревети има се помалку во Токио, велат експертите.

По минатонеделните тензии во главниот град околу тоа дали и кога владата ќе прогласи вонредна состојба, извршниот директор на фирмата „Ракутен Микитани“ на Твитер објави дека тој и Масајоши Сон, основач на технолошката фирма „SoftBank Group“, разговарале преку телефон за тоа дека Јапонија е во многу критична ситуација.

– Како можете да кажете дека ова не е вонредна состојба? Господин Абе, ве молиме прогласете вонредна состојба веднаш – напиша Микитани на Твитер.