Одбраната на Ѓоковиќ на трофејот во Мелбурн е доведена во прашање

Неизвесно е дали најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе го брани трофејот на следното издание на гранслем-турнирот „Австралија опен“ додека избегнува да открие дали се имунизирал против ковид-19. Кошаркарската ѕвезда на Бруклин нетс Кајри Ирвинг, пак, го пропушти ноќешното гостување кај шампионот Милвоки бакс, што неговиот тим го загуби со 104-127 на отворањето на новата НБА-сезона, поради клупската одлука која се должи на неговата решителност да не се вакцинира.

Ѓоковиќ и Ирвинг се веројатно двајцата најпознати спортисти на денешницата чии професионални ангажмани се доведени во прашање поради нивните ставови за вакцинацијата, додека листата на светски популарните јавни личности кои одбиваат да се имунизираат против ковид-19 продолжува да се шири.

Првиот светски рекет во интервју за српски „Блиц“ објавено вчера, изјави дека можеби нема да игра на Австралија опен додека ја очекува разврската со условите за настап на турнирот во Мелбурн.

– Ја следам ситуацијата за Австралија и колку што разбрав, конечната одлука ќе ја донесат за две недели, односно во ноември. Не верувам дека ќе има многу промени од тоа што го знаеме. Го имам истиот став како и секогаш. Не сакам да откријам дали сум вакциниран или не. Тоа е лична работа и според нашиот закон можете да тужите некого за таквото прашање. Многу луѓе си земаат слобода да прашуваат такви работи и да осудуваат. Што и да одговорите, тие тоа ќе го злоупотребат – порача Ѓоковиќ.

Од друга страна и австралиските власти го спомнаа српскиот тенисер при соопштувањето на прописите за влез во државата поврзани со вакцинацијата.

Имам порака за сите оние што сакаат да дојдат во Австралија, па и за Ѓоковиќ. Ќе мора да бидат вакцинирани со две дози – изјави австралискиот министер за имиграција Алекс Хок.

Ѓоковиќ има можност да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (тој, Роже Федерер и Рафаел Надал моментно имаат по 20) на турнирот во Мелбурн во јануари в година, што сигурно ќе го земе предвид ако биде соочен со одлуката да бира помеѓу спортските успеси и вакцинацијата.

Во САД веќе се забележани неколку случаи во кои јавни личности останаа без професионалниот ангажман поради одбивањето да ги почитуваат прописите за вакцинација против ковид-19. Неодамна, тренерот на екипата во американски фудбал на универзитетот Вашингтон стејт, Ник Ролович, беше отпуштен бидејќи не го почитувал крајниот рок за вакцинација, а кантри пејачот Тревис Трит изјави дека во знак на револт ќе ги откаже неговите настапи низ арените во САД каде што се задолжителни мерките против коронавирусот, како што се вакцинацијата, заштитните маски и негативните тестови.

– Ова е жртва која сум спремен да ја направам за да застанам на страната на слободата која голем број американски генерации ја уживаа досега – изјави Трит.

Новинарката на И-Ес-пи-ен, Алисон Вилијамс, сподели дека ќе ја напушти спортската мрежа, приклучувајќи се на останатите кои гласно се спротиставуваат на задолжителната вакцинација. Нејзината причина за одбивањето, наводно, е поради обидите да забремени, иако Центрите за контрола и превенција на болести на САД препорачуваат лицата кои се бремени или кои се обидуваат да забременат да се вакцинираат, бидејќи досега нема докази дека вакцините предизвикуваат проблеми со бременоста.

Ставовите на најпознатите спортисти предизвикаа поделени мислења, но не наидоа на одобрување од страна на многумина, вклучувајќи ги и медиумите.

– Спротивно на ставовите на оние кои одбиваат да се вакцинираат во име на американската слобода, мерките за вакцинaција се стари колку и самите Соединети Американски Држави, a датираат од револуционерната војна кога Џорџ Вашингтон ги наредил мерките за имунизација на населението против малите сипаници – заклучува „Форбс“ осврнувајќи се на ситуацијата.