Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, изјави дека на неговата земја и се потребни дополнителни 15 дена вонредна состојба, што би траела до 21 јуни, за дефинитивно да се стави крај на здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Затоа, Санчез неделава од парламентот ќе побара ново, шесто продолжување на вонредната состојба, со која се ограничува движењето и собирањето на 47 милиони жители.

– Постигнавме голем напредок. Но, ќе ни треба уште едно, конечно продолжување на вонредната состојба, за да го завршиме она што го започнавме – рече Санчез на прес-конференцијата во Мадрид.

Владата има намера да ги олабави мерките воведени на 14 март преку четири фази (од 0 до 3).

Денес 70 проценти од населението влезе во фаза 2, во која нема утврден дневен распоред за излегување на прошетка и дозволено е да се соберат до 15 лица, а сите трговски центри, без оглед на големината, може да примаат купувачи.

Најголемите градови, Мадрид и Барселона, најпогодени од вирусот, сепак останаа во фаза 1.

После 21 јуни, жителите на Шпанија би можеле слободно да се движат во рамките на секоја од 17-те автономни покраини, а од 1 јули ќе им биде дозволено да патуваат низ целата земја.

Тогаш Шпанија има намера да ги отвори своите граници и за странски туристи.