Шпанската влада усвои декрет со кој се воведува основен месечен приход од 462 евра за најсиромашните граѓани, дополнително загрозени од пандемијата на коронавирус.

Право на приход ќе имаат граѓаните на возраст од 23 до 65 години чијашто имотна вредност не надминува 16.614 евра кога од неа ќе се исклучат недвижнините и кредитите со намалени каматни стапки.

Минималниот приход ќе се зголеми со бројот на членовите на семејството, до максимум 1.015 евра месечно, а програмата ќе вклучува и иницијативи за наоѓање на редовна работа, рече на прес-конференција вицепремиерот Пабло Иглесијас.

Програмата треба да опфати околу 2,3 милиони граѓани, а Владата за исплата на приходот ќе издвојува три милијарди евра годишно.

Шпанија, со повеќе од 27.000 смртни случаи, е меѓу земјите кои епидемијата на коровирус ги погоди особено тешко.