Шпанија постепено може да ги отвори своите граници за странски туристи од земји што се сметаат за безбедни во борбата против коронавирусот од 22 јуни, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на извор од Министерството за туризам.

Денес шпанскиот парламент расправа пред гласањето за продолжување на вонредната состојба во земјата до 21 јуни. Откако првпат беше прогласена вонредна состојба на 14 март на странските туристи им е забранет влез во Шпанија, а на шпанските граѓани не им е дозволено да ги напуштат своите провинции.

Владата претходно објави дека нема да ги отвори границите до 1 јуни, па шпанските авиокомпании „Иберија“ и „Вуелинг“ почнаа со продажба на билети од тој датум.

Туризмот, кој сочинува 12% од БДП на Шпанија, беше погоден од епидемијата на коронавирус, хотелите и плажите се празни, а десетици илјади работници останаа без работа.

„Податоците за развојот на пандемијата и брзината со кои се ублажуваат мерките укажуваат дека туризмот би можел да се отвори на 1 јули или порано“, рече министерот за транспорт Џозеф Луис Абалос во говорот пред парламентот.