Патниците надвор од Европската Унија ќе може рекреативно да ја посетуваат Шпанија од 20 мај, рече министерот за туризам, Рејес Марото.

Ова може да биде благодат за шпанскиот туристички сектор бидејќи ќе им овозможи на луѓето од Велика Британија, САД или Турција да доаѓаат во Шпанија на одмор.

Марото изјави дека бидејќи Велика Британија има мал број заразени лица, британските туристи, вакцинирани или не, веројатно нема да мораат да прикажат ниту негативен тест на коронавирус за да влезат во Шпанија.

Од друга страна, Шпанија не беше на посакуваната британска зелена листа на туристички дестинации поради високата стапка на заразени од ковид-19.

„Вонредната состојба е минато. Мора да гледаме кон иднината, а тоа се вакцини, вакцини, вакцини“, рече премиерот Педро Санчез.

Помалку од 5.000 нови заразени од коронавирус и уште 205 смртни случаи се регистрирани денес во Шпанија.

Речиси 30 отсто од возрасната популација се вакцинирани со најмалку една доза, пишуваат тамошните медиуми.