Министерот на Нов Зеланд задолжен за одговор на ковид-19 Крис Хипкинс рече дека делта-сојот на коронавирус менува сѐ од корен и ги прави постојните мерки за заштита многу помалку соодветни.

Според него, доаѓањето на високо заразниот вид на делта-сојот донел некои многу големи прашања за пандемијата во Нов Зеланд. Хипкинс за локалните медиуми изјави дека елиминацијата на вирусот останува цел на новозеландските власти.

– Реалноста ни кажува дека вирусот се шири 24 часа откако лицето ќе се разболи и тоа фундаментално менува сѐ од корен. Ова значи дека сите наши постоечки заштитни мерки почнуваат да бидат многу помалку адекватни и слаби, што отвора големи прашања на долгорочен план – истакна Хипкинс.

Веќе шест месеци немаше заразени во Нов Зеланд, но властите неодамна воведоа строга блокада откако беше откриен еден заразен со овој вид на коронавирус во Окленд.

Во изминатите 24 часа, регистрирани се 21 случај на коронавирус во Нов Зеланд. Заразени се вкупно 72 лица, а седум училишта во Окленд пријавиле дека имаат заразени меѓу учениците.