Шведска се закани дека ќе ги затвори кафулињата и рестораните кои не се придржуваат на препораките на здравствените власти за социјално дистанцирање.

– Гледаме загрижувачки извештаи за преполни тераси на кафулиња и ресторани. Дозволете ми да бидам крајно јасен. Не сакам да видам пренатрупани тераси на ресторани во Стокхолм или каде било на друго место – рекол министерот за внатрешни работи, Микаел Дамберг.

Владата вчера побара од 290 локални самоуправи да известуваат за тоа како рестораните и кафулињата ги применуваат препораките на Агенцијата за јавно здравје.

– Овие насоки мораат да се почитуваат, во спротивно локалите ќе бидат затворени – предупредил Дамберг.

Претходно оваа недела шведскиот премиер, Стефан Лофвен рече дека не е бројот на сончеви денови или температурата таа која одлучува дали да ги слушаме советите на владата или не.

– Не мислете дека сме ја поминале оваа криза – предупреди Лофвен.

Шведска се одлучи за релативно либерална политика во борбата против пандемијата, па наместо рестриктивни мерки, кафулињата и рестораните останаа отворени, како и училиштата.