Шведскиот премиер Стефан Левен изјави дека официјалните лица кои се залагале да не се воведуваат ограничувачки мерки за време на првиот бран на пандемијата го потцениле вирусот.

– Мислам дека многумина не сфатија каков бран се надвива над нас – рече Левен во интервју за весникот „Афтенпостен“, пренесе АП.

Во Шведска, досега потврдени се 320.098 случаи на ковид-19 и 7.514 смртни случаи на пациенти со коронавирус, значително повеќе отколку во соседните скандинавски земји.

Шведска сега е меѓу земјите каде што се на сила ограничувачки мерки и забрани за јавни собири, а на самиот почеток земјата предизвика контроверзи затоа што одби да воведе какви било мерки против коронавирусот, инсистирајќи на формирањето на колективен имунитет.