Шведска и Кипар објавија дека привремено ја запираат вакцинацијата против ковид-19 со вакцината на „Астразенека“, додека експертите предупредуваат дека одлуката може да биде „катастрофа“.

– Шведската агенција за јавно здравје одлучи да ја суспендира вакцината на „Астразенека“ сè додека Европската агенција за лекови (ЕМА) не ги испита сомнителните несакани ефекти – се вели во соопштението на здравствената агенција.

Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел за шведскиот ТВ4 изјави дека сега се појавиле некои нови несакани ефекти.

– Некои луѓе добија згрутчувања во различни делови од телото, додека некои пријавија мало крварење на кожата. Ова е прилично сериозно нарушување – рече Тегнел.

Шведската агенција за лекови вчера соопшти дека меѓу луѓето вакцинирани со вакцината на „Астразенека“, во десет случаи е пријавено дека луѓето имаат згрутчување на крвта, и во еден случај дека едно лице има низок број на тромбоцити, но не во комбинација.

Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крварење, згрутчување на крвта и мал број на тромбоцити по вакцинирањето со вакцината.

Германија, Франција и Италија во понеделникот соопштија дека ќе престанат да ја користат вакцината на „Астразенека“, откако неколку земји пријавија сериозни несакани ефекти, а Светската здравствена организација соопшти дека нема докази за поврзаност.


Шведски фирми преговараат со Русија за производство на вакцината „Спутник 5“

Координаторот за вакцинација Ричард Бергстром потврди дека неколку шведски компании разговараат со Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) за можноста за започнување на производството на руската вакцина „Спутник 5“, пренесува ТАСС.

– Во тек се сериозни преговори помеѓу РДИФ и некои производители во Шведска. Не можам да кажам ништо повеќе од тоа – изјави Бергстром за шведскиот дневен весник „Дагенс Нехтер“.

ТАСС известува дека шведскиот официјален претставник објаснил дека тоа не значи автоматски дека руската вакцина ќе се купува за потребите на Швеѓаните и нагласи дека земјата ќе може да ја купи „Спутник 5“ само откако вакцината ќе биде одобрена од Европските агенција за лекови (ЕМА).

РДИФ веќе постигна договор со компании во Италија, Шпанија, Франција и Германија за започнување на производството на руската вакцина.

ТАСС наведува дека ЕМА на 4 март објавила дека покренала постапка за детален преглед и дека руската вакцина досега ја регистрирале 50 земји со вкупно 1,3 милијарди жители.