Шведската Агенција за јавно здравје изработи три сценарија во поглед на епидемијата. Шведска до вчера имаше вкупно 5.646 смртни случаи и 78.166 потврдени инфекции, што ја прави меѓу најтешко погодените земји во светот, иако властите истакнуваат дека инфекцијата забавува, како и дека се намалува бројот на сериозни и смртни случаи.

Според Агенцијата, најверојатно сценарио е дека откако ќе се забави епидемијата, ќе се создадат жаришта низ целата земја.

– Тоа е сценарио што е веќе видено во другите делови на светот и се чини дека е вообичаена рута по која се движи ковид-19. Во таа варијанта, поради олеснувањето на мерките, стапката на инфекција би се зголемила брзо, бидејќи луѓето би се дружеле повеќе, но исто така брзо и би започнала да паѓа во моментот кога населението ќе сфати дека постои ризик и ќе почне посериозно да се придржува кон одредени правила како што е физичката оддалеченост – рече главниот епидемиолог Андерс Тегнел.

Најдоброто сценарио е она во кое сегашниот тренд би продолжил и тогаш нема да има повеќе од 200 мртви, додека според останатите две сценарија би можело да дојде до уште 3.200 односно, 5.800 смртни случаи.